·   · 3 posts
  •  · 2 friends

ЈАС СУМ МИА - Teenager stuff #jassummia

ЈАС СУМ МИА

ЈАС СУМ МИА

 Епизода 1.

Стефан има девојка.

МОЈОТ Стефан, што го ѕиркам веќе една година по ходници во школо, што ги терам другарките да ми кажуваат дали гледа во мене додека сум му свртена со грб, што еднаш едвај му кажав едно тивко „здраво“ и избегав, Стефан што замислував дека некогаш ќе ми го најде некако бројот и ќе ми пише порака, дека ќе ме викне да се видиме и дека ќе се фатиме и ќе бидеме засекогаш, ама НАЈЗАСЕКОГАШ заедно…

Има девојка.

Лежев на кревет и гледав во таван.

Многу сум глупава.

Требаше некако да му кажам дека ми се свиѓа!

Да бе, да му кажам. И да ми рече „добро“ и само да си отиде и да умрам од срам.

Ама како може да има девојка? Нели е свесен дека јас треба да му бидам?

 

 

 

Со раката го напипав телефонот што претходно немоќно го фрлив некаде на перница за пак да одам да го манијачам на Инстаграм. Малку ми беше шокот од прееска, кога видов слика од него, гушнат со некоја девојка што не ѝ се гледа лицето (мора да е грда), со планета-емоџи, и катанец со клуч-емоџидо него, што значи дека СЕ ЗАЕДНО, и дека толку од мене, јас завршив со животот. Никогаш нема да најдам некој што толку ќе ми се свиѓа, никогаш.

Полека, со страв отворив Инстаграм. Уште еден шок - тајмлајнот на Стефан веќе не е истиот од пред 15 минути затоа што има нова слика. Пак со девојката.

Овој пат се гледа.

И УБАВА Е!  

Ништо, ќе продолжам да си гледам во таван. Не излегувам, не јадам, не пијам и не одам во школо.

„Мамо не одам веќе во школо,“ подвикнав, откако слушнав дека мајка ми поминува покрај мојата соба.

„Како, како?“ подзастана мајка ми.

„Не одам веќе ни во школо ни никаде.“

„Ма немој.“

„Да.“

„А што се случило, што реши да останеш без образование, и колку овци да ти купам?“ ми се обрати мајка ми, глумејќи сериозност.

„Мамо, не е смешно воопшто.“

„Не е,“ се согласи мајка ми. „Уште понесмешно ќе биде кога ќе одам во затвор затоа што ќерка ми не оди во школо, а задолжително е.“

„Мамо, Стефан има девојка,“ се исправив со солзи во очите.

„Ооо, мама. Па, што ако,“ рече мајка ми, седнувајќи на креветот. Во тој момент помина татко ми.

„Што било?“ подвикна, веќе симнувајќи се по скалите.

„Стефан имал девојка,“ му дофрли мајка ми.

„Срам да му е,“ одговори татко ми. Татко ми никогаш ништо не сфаќа сериозно.

Јас веќе плачев.

 

 

„Јас знам дека е ова многу страшно,“ ме погали мајка ми по глава. „Ама јас и татко ти не планираме да одиме во затвор, а ти овци не знаеш да чуваш, така што, во школо мора.“

„Ама вас ви е ова смешно!“ викав јас.

„Не е страшно, мила,“ рече мајка ми и стана. „И тебе ќе ти биде.“

Како не е страшно?! И како планираше мајка ми ова да ми стане некогаш смешноКако може да биде смешно?!

Знае ли она што е планета-емоџи?

ЗНАЕ ЛИ?!

„Никогаш никој нема вака да сакам,“ реков и се свртев кон ѕидот.

„Јас ти гарантирам дека ќе сакаш и повеќе,“ рече мајка ми, станувајќи. „Па, веројатно не заврши со љубовта на 15 години?”

„За еден месец полнам 16,“ негодував во перницата. „И да, може ќе имам јас некој дечко понатаму. Ама нема да го сакам вака.“

Татко ми се изнасмеа од долниот спрат.

„Не му се смеј на детето,“ му викна мајка ми строго. „Знаеш што,“ ми се обрати мене, „ајде малку поседи сама и одмори се, знам дека ти е тешко. И после ќе те носам на топло-ладно.“

„Не сакам топло-ладно, сакам Стефан-Стефан.“

„Тоа не можам да ти купам, можам да ти купам топло-ладно. Или уште подобро, јави ѝ се на Сара и одете вие две. Може?“

Мајка ми веќе отиде, а мене ми текна дека морам да и пишам на Сара. Сигурно видела.

Мора да видела.

Набрзинка ја најдов последната порака.

„Виде ли!!!!” и изнапишав со големи букви.

„Видов, не се нервирај,“ побрза Сара, која инаку е секогаш поразумна од мене.

 

 

Веројатно сфати дека преку пораки нема да ме убеди, па ми се јави.

„Поубава е од мене,“ реков, наместо „ало“, а очите ми се наполнија со солзи.

„Кој, ТАА? КАКО ДА НЕ!“ викна Сара строго, не дозволувајќи некоја таму нова девојка да биде поубава од нејзината најдобра другарка. „Види колкав нос има.“

(Девојчето имаше нормален нос)

„Сара, доста.”

„Види каква уста има тенка, глупава.”

(Девојчето имаше баш убава уста. На Сара не ѝ успева тешењето.)

„Не одам веќе никаде и ништо не правам,“ ја повторив јас мојата нова животна одлука.

„Сега веднаш ќе дојдам кај тебе, ќе се облечеш и ќе одиме на кафе.“

„Не излегувам ваква никаква!“

„Ќе се нашминкаш и ќе излезеш.“

„А ако ги сретнеме?“

„Ќе бидеш дотерана, средена и најубава и ќе му биде криво што не му текнало порано да ти пријде!“

На Сара полека и успева тешењето.

„Добро,“ се согласив полека.

Два часа подоцна седевме во Кашмир на кафе и не плачев, ама активно се жалев и самосожалував.

„Ама што ти е гајле,“ се трудеше Сара. „Сега можеш да си најдеш нова симпатија.“

„Не сакам никаков нов,“ реков јас. „И не знам што чекав толку, барем да му пишев. Ете сега ќе си се ожени со таа Тијана и ќе си живеат среќно засекогаш.“

„Па нека се ожени,“ одмавна Сара.

Стефан инаку има 16 години и нема сигурно веднаш да се ожени, ама јас веќе бев избезумена. „Што ќе ти е. Сега барем знаеш дека ете, зафатен е, и ќе ти се засвиѓа нов.“

„Сакам сега вака да се појави тука, во кафичов,“ почнав да фантазирам јас, сам и да дојде да седне до нас. И да ни рече „а бе зафрканција беше тоа, немам девојка.“

 

 

 

Забегав.

„Ај уште еднаш покажи ми ја,“ рече Сара.

Со брзина на светината го отклучив телефонот и отворив Инстаграм. Му го напишав името во search и одма ми излезе неговата убава слика. Од таму, пак кај него на профил.

ИМАШЕ НОВА СЛИКА!

„Види, види, има нова!“ возбудено се доближив до Сара со телефонот.

„Да видам,“ рече Сара и почна да испитува. „Сам е на сликата. Може раскинал?“ ги крена веѓите.

„Како да не, раскинал,“ разочарано реков јас. „Сигурно таа го сликала.“ И забележувајќи го зеленото крукче до неговата слика реков, „Онлајн е!“

„Пиши му: „Ај раскини со таа и фати се со мене!“

„Доста бе, Сара.“

„Ај види каде е сликан?“

За тоа морав да зумирам, да видам што има во позадина. А ми бегаше цело време сликата.

Зум.

Зум.

Срце.

Трепна срце преку сликата.

ЈА ЛАЈКНАВ?!?!?!?!?!?!?!

НЕ!!!

„НЕ!“

„Ја лајкна сликата?!“ се изнасмеа Сара. „Брзо, одлајкни!“

„Не можам, онлајн е, ќе види!“ очајував јас.

„А бе, може нема видено.“

„Не, не знам што да праваааам.“

Срцето ми чукаше како лудо. Никогаш во животот ништо не сум му лајкнала, не го ни следам, среќа што му е отворен профилот, и сега после две слики со девојка му, јас му ја лајкнувам таа каде што е сам? Додека е онлајн?!

Убаво си реков, ништо не правам, никаде не одам. И телефонот ќе го фрлам.

„Ништо де,“ се обидуваше да ме расположи Сара. „Ајде да не зборуваме веќе за тоа и да се прошетаме.“

„Сигурно ќе направам уште некоја глупост,“ реков јас, и го залепив челото на маса.

„Нема, нема,“ се смешкаше Сара.

И навистина, се прошетавме низ парк, јадевме сладолед и зборувавме за кога бевме второ одделение и двете паднавме во кал на лулашки. Се смеевме како луди, и дома си дојдов порасположена. Само кажав „здраво“ и побрзав во мојата соба за да не морам да трпам да ме зезаат.

Телефонот го оставив на бирото и тргнав да си облекувам пижами. Отидов до бањата да мијам заби и додека ги правев истите досадни движења со четката, слушнав дека ми стигна нотификација од Инстаграм.

Веројатно Сара ме тагнува во коментар на нешто глупаво.

Со четката во рака се вратив до соба, да видам што сака.

Не беше таг во коментар.

Беше приватна порака на Инстаграм.

Од Стефан.

Мојот Стефан.

Стефан што има девојка.

 

 

Здраво :)

 

...продолжува.

 

@jassummia

  • 516
Comments (0)
Info
Category:
Created:
Updated: